EMCDDA

Преглед на земјата: поранешна југословенска Република Македонија

  • Резиме на ситуацијата

Содржина

The translation of the country overview was commissioned by IPA3 project ‘Preparation of IPA beneficiaries for their participation with the European Monitoring Centre for Drugs and Drug Addiction (EMCDDA)’ through an independent company contracted in the country. Its consistency with the English original of the document was confirmed by the IPA3 national correspondent.

Социо-демографски профил
  Година Поранешна Југословенска Република Македонија ЕУ (27 земји) Извор
Население 2010 2 052 722 501 105 661 p   Еуростат
Население според класи на возраст 15-24 2010 15.5 % 12.1 % p Еуростат
25-49 2010 37.1 % 35.8 % p  
50-64 2010 18.0 % 19.1 % p
БДП по жител во Стандарди на куповна моќ 1 2009 34 2 100 Еуростат
Стапка на невработеност 3 2010 35 % 4 9.6 % Еуростат
Стапка на затвореници 5 2009 120.1   Совет на Европа, SPACE I-2009
Површина 2008 25 713 кв. км 4 200 000 кв. км  Државен завод за статистика на БЈР Македонија
Главен град   Skopje       
Број на општини   84       
Број на населени места   1 767       

1 Бруто-домашниот производ (БДП) е мерка на економската активност. Таа се дефинира како вредноста на сите произведени стоки и услуги, намалена за вредноста на стоките и услугите употребени во нејзиното создавање. Индексот на обем на БДП по жител во Стандарди на куповна моќ (СКМ) е изразен во однос на просекот на Европската унија (ЕУ-27), утврден како еднаков на 100. Доколку индексот на некоја земја е повисок од 100, нивото на БДП по жител на таа земја е повисоко од просекот на ЕУ и обратно.

2 Бројки од 2008 г.

3 Стапките на невработеност претставуваат невработени лица како процент од работната сила. Невработените лица ги сочинуваат лицата на возраст од 15 до 74, кои: (а) биле без работа во текот на референтната недела; (б) биле расположливи за работа во моментот; (в) активно бараат работа.

4 Бројки од 2007 г

5 Состојба во казнените институции на 1 септември, 2009 г.

p Провизорна вредност на Еуростат.

 

Поранешната југословенска Република Македонија е земја на Балканскиот Полуостров во југоисточна Европа од сите страни опколена со копно. Се граничи со Србија на север, со Грција на југ, со Бугарија на исток и со Албанија на запад. Македонија беше примена во Обединетите Нации во 1993 година.

Македонската заедница ја сочинуваат неколку етнички групи: Македонци (64,2%), Албанци (23,2%), Турци (3,9%), Роми (2,7%), Срби (1,8%) и неколку други групи на етнички малцинства (Власи, Бошњаци и други). Најзастапени религии се православното христијанство (64,8%) и исламот (33,3%).

По изборите во 2006 година, функциите на локалната власт беа поделени меѓу 84 општини. Општините се единици на локалната самоуправа и соседните општини можат да склучат договори за соработка. Главниот град, Скопје, се води како група од 10 општини кои заедно се нарекуваат Град Скопје.

Употреба на дрога кај општата популација и кај младите

Во текот на изминатите години, во земјата се спроведени неколку истражувања во врска со користењето дрога кај децата на училишна возраст: од страна на Европскиот проект за анкети во училиштата за алкохол и други дроги (ESPAD); Истражување на здравственото однесување на деца на училишна возраст (HBSC); истражувањето на УНИЦЕФ за адолесценти најмногу изложени на ризик (MARA), Адолесценти кои инјектираат дроги; истражувањето за преваленца на ХИВ и ризично однесување на групите изложени на ризик.

До денес, не е спроведено истражување на употребата на дрога кај општата популација.

ESPAD најпрво го спроведе истражувањето во 1999-та и го повтори во 2008-та. Истражувањето во 2008 година беше спроведено во 22 града (случајно одбрани од 30 града, согласно старата територијална поделба на земјата). Во истражувањето зедоа учество вкупно 156 одделенија од прва и втора година во 68 јавни средни училишта. Вкупниот конечен број на валидни прашалници, земени предвид при презентирањето на резултатите, изнесуваше 2 452 (ESPAD, 2009).

Истражувањето од 2008-та го утврди следното:

  • 5,5% од учениците конзумирале канабис во одреден момент од нивниот живот, при што 4,3% го конзумирале во последните 12 месеци, а 2,2% во последниот месец пред истражувањето;
  • 3,2% зеле екстази (што претставува зголемување од 1% од 1999 година наваму); при што 2,1% зеле во последните 12 месеци, а 1,6% во месецот пред истражувањето;
  • Користењето на инхаланти е ретко и обично се случува еднаш или два пати. Така, 1,4% од учениците конзумирале инхаланти во одреден момент од нивниот живот, при што 1,1% го сториле тоа во последните 12 месеци, а 0,4% во последните 30 дена;
  • Доживотното користење други дроги е незначително – помало од еден процент (ЛСД 0,8%; „крек“ 0,7%; кокаин 0,9%; хероин 0,8%; магични печурки 1,2%; ГХБ 0,6%; анаболични стероиди 0,9%; дроги со инјектирање 0,9%). 10,1% од учениците користеле средства за смирување или седативи издадени на рецепт;
  • 10,1% од учениците зеле средства за смирување во одреден момент од нивниот живот и тие средства се дрогата што ја користеле најголемиот број ученици. Ученичките (11,2%) користат средства за смирување повеќе од учениците (9,1%). Треба да се напомене дека бројот на издадени рецепти за средства од страна на лекарите е удвоен во споредба со 1999 г. Околу 6% од учениците зеле средства за смирување еднаш или два пати во животот;
  • Од 1999. наваму, употребата на канабис опаѓа и останува на ниско ниво во поранешната Југословенска Република Македонија во споредба со другите европски земји. Употребата на марихуана е се уште попопуларна кај учениците од машки пол;
  • Употребата на други незаконски дроги е слична на резултатите од 1999.;
  • Општо земено, учениците од машки пол користеле повеќе дроги од ученичките;
  • Првите искуства со дроги се обично на возраст од 14 и 15 години.

Истражувањето „Здравствено однесување на училишните деца“ (HBSC) е спроведено во поранешната Југословенска Република Македонија два пати (во 2002-та и во 2006-та). Во 2006., околу 4% од мажите и 3% од жените изјавиле дека некогаш користеле канабис. Помалку од 15% од учениците на 15 годишна возраст конзумирале канабис во текот на последните 30 дена – 1% кај девојчињата и 2% кај момчињата (Currie, C. et al., 2008).

top of page

Превенција

Во поранешната Југословенска Република Македонија, превентивните активности главно се спроведуваат во средните училишта, на истите им недостасува основа за научно докажување и се без воспоставена систематска програма. Меѓутоа, во последните 10 години, воспоставени се неколку проекти за превенција на користење дроги, со поддршка од меѓународни организации и фондации.

Се до неодамна, не постоеја развиени програми за превенција кои се чувствителни на род, возраст и култура во однос на потребите од одредените целни групи вон образовниот систем. Оттогаш се воведени измени во наставните планови и програми, како дел од започнатите реформи во образованието (особено во средното образование) и сега се веќе расположливи изобилство од информации за превенција на употреба на дроги, никотин и алкохол. Министерството за образование и наука: (1) има спроведено активности за информирање на учениците, наставниците и родителите; (2) има спроведено активности за помош на луѓето при усвојување здрав начин на живот; и (3) ја има зајакнато меѓународната соработка во однос на овие прашања.

Министерството за образование и наука презема континуирани мерки и активности чија цел е поттикнување на превентивни активности, како што е организирање предавања за ученици, наставници и родители во училиштата и во други образовни институции во целата земја.

Во текот на 2009 – 2010., Министерството за образование и наука, во соработка со невладините организации (НО-и), спроведе пилот-превентивни програми, финансирани од страна на холандската MATRA, во училишта во Скопје, Тетово и Струмица. Во рамките на двегодишниот проект, беше изготвена програма за обука; беа формирани локални професионални тимови; и во годишната програма за 2009/2010 на училиштата што зедоа учество беше вградена пилот-превентивна програма. Околу 2099 ученици и 41 класни наставници зедоа учество во превентивните работилници во текот на 2010 година. Освен тоа, беа изготвени и испечатени превентивни информативни материјали и истите беа дистрибуирани во училиштата.

Спортовите се дел од училишниот живот со кој се поттикнува здрав начин на живот, а воведени се и нови теми (како што се информации за дроги, алкохол и тутун, сексуално образование, превенција на ХИВ/СИДА), како теми во повеќе предметни области, со цел учениците да се стекнат со знаења и вештини за здрав живот.

Медиумските кампањи главно се организираат на ниво на заедниците.

Во земјата не постои централизирано и систематско следење и евалуација на превентивните програми.

Новата Национална програма за превенција, која треба да ја изготват Државната меѓуминистерска комисија за контрола на дроги, ќе им пријде на активностите за превенција на употреба на дрога на сеопфатен начин и ќе ги обедини сите релевантни министерства: Министерството за образование и наука, Министерството за здравство, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда и Министерството за внатрешни работи. Со ова се проширува опфатот на превентивните активности и на други ранливи групи на млади луѓе; младите кои не се опфатени со образовните системи („млади на улица“) и младите луѓе во казнените институции. Предвидено е локалните власти и НО-и да бидат активни партнери во спроведување на активностите во иднина.

top of page

Проблематично користење дроги

EMCDDA ја дефинира „проблематичната употреба на дроги“ како „употреба на дроги со инјектирање или долготрајна или редовна употреба на опиоиди, кокаин и/или амфетамини“. Оваа дефиниција конкретно вклучува редовна или долготрајна употреба на опиоиди дадени на рецепт, како метадон, но не ја исклучува ниту нивната ретка или нередовна употреба, ниту употребата на екстази или канабис.

Истражувања, набројување, мултипликација, анализи врз основа на примероци и методи на мрежна анализа се користени за да се процени преваленцата на проблематичната употреба на дроги во земјата. Националната фокална точка прибра податоци од програмите за третман и програмите за размена на игли и шприцеви, од полициските контакти и смртните случаи поврзани со дрога, со цел да се процени бројот на проблематичните корисници на дроги (главно корисници на опијати) во поранешната Југословенска Република Македонија.

Проценатата големина на популацијата корисници на дроги со инјектирање е 8 000. Добиената бројка соодветствува со стапката од 1,5 на 1000 жители на возраст од 15-64.

*Пресметано од страна на македонската национална фокална точка, при што е земено дека на возраст од 15 – 24 години има 1 387 796.844 жители (просечното население според виталната статистика (х 1 000) во 2010 година е 2 055, а старосната структура на населението од 15  до 64 години е 67,8%) (ЦИА, 2011).

Податоците за 2009-та покажуваат oпаѓање на бројот на корисници на дроги во затворите во поранешната Југословенска Република Македонија во споредба со 2008-та. Во 2009., околу 516 затвореници (или 24% од вкупната затворска популација) биле корисници на дроги. Во 2008,. приближно 649 (или 31% од вкупната затворска популација) користеле дроги. 386 лица (или 75%) од сите затвореници-корисници на дроги биле во затворот Идризово во Скопје. Во другите затвори, процентот на затвореници кои користат дроги е помал: во затворот во Битола – 9%, во затворот во Прилеп – 5%, во друг затвор во Скопје – 4%, во затворот во Тетово – 3% и во затворот во Штип – 2%. Петмина млади луѓе биле во образовно-поправните домови за млади.

Од 2006., во затворот Идризово има центар за метадонски третман, со 120 кревети за корисници на хероин. Лабораторијата за биохемија има капацитет за вршење скрининг-испитувања за присуство на психоактивни супстанци во урината. Во 2009., лабораторијата спровела 731 такви испитувања (опијати – 315, метадон – 188, бензодијазепини – 137, марихуана – 91).

Почнувајќи од јули 2010., професионален тим составен од двајца психолози и еден социјален работник започнаа со психо-социјален третман на корисниците на дроги во затворите. Слични активности се во тек во образовно-поправните домови за млади во Тетово, во кои се откриени пет корисници на дроги. Одговорните лица во образовно-поправните домови за млади вршат периодични скрининг-тестови, заради мониторинг, откривање и спречување на злоупотреба на дроги од страна на нивните штитеници (младите во поправните домови).

top of page

Побарувачка од третман

Податоците кои се однесуваат на побарувачката од третман во поранешната Југословенска Република Македонија се засноваат на информациите од неколку извори: центрите за амбулантно лекување (11 центри во целата земја), Клиниката за токсикологија, Одделот за детоксификација од користење дроги и единиците за лекување од дроги во затворите.

Во 2008., вкупно 10 центри за третман поднесле податоци во врска со побарувачката од третман. 1.212 клиенти биле под третман, од кои 344 биле клиенти за прв пат (325 мажи и 19 жени). Околу 91.1% од сите клиенти кои се подвргнале на третман изјавиле дека опиоидите (F11 дијагноза со ICD-10) се нивната главна дрога, 7% изјавиле дека тоа е канабисот, а 1,3% кокаинот. Од клиентите кои прв пат се јавиле на третман, 95% изјавиле дека опиоидите се нивната главна проблематична супстанца, а по нив следат 5% со канабис и 1% со бензодијазепини. Околу 70% од клиентите кои се на третман прв пат биле во старосната група 20 – 34 години.

Во 2009., вкупно 1.277 пациенти биле на третман, врз основа на податоците добиени од Институтот за јавно здравје и од податоците од Невропсихијатриските оддели во Општите болници. Пет од лекуваните клиенти биле од старосната група до 15 години, 39 клиенти биле во старосната група меѓу 15 и 19 години, 963 клиенти биле во старосната група меѓу 20 и 34 години и 270 клиенти биле постари од 35 години.

Универзитетската клиника за токсикологија нуди алтернативен начин на детоксификација со бупренорфин. Клиниката обезбедува третман на акутна интоксификација со опиоиди и други дроги, како и дијагностицирање и третман на потенцијално соматски компликации за нејзините клиенти. Во 2010., околу 100 зависници од опиоиди ја започнале програмата за детоксификација со бупренорфин. Оваа мултидисциплинарна програма била во целост финансиски поддржана од страна на Министерството за здравство. На почетокот на третманот (период од 7 - 10 дена), клиентите се хоспитализирани. По тој период, тие продолжуваат со третманот во амбулантски услови, со редовни контроли и лабораториски скрининг-испитувања, а им се препорачува и да одат на советување кај психијатар.

Анализата и евалуацијата на податоците од сите центри за третман, вклучително и приватните психијатриски болници, во 2010 година се во тек и ќе бидат презентирани во Националниот извештај.

top of page

Инфективни заболувања поврзани со дроги

Републичкиот институт за јавно здравје прибира податоци од целата земја за инфективните заболувања, вклучително и ХИВ и хепатит.

Владата им дала статус на ХИВ/СИДА-та на важно прашање на јавното здравје, за кое е потребно вклучување на различни чинители.

Поранешната Југословенска Република Македонија е земја со ниска преваленца на ХИВ и има пријавено најмал број на ХИВ-позитивни случаи досега од земјите во регионот на Југоисточна Евроапа. Првата инфекција со ХИВ била регистрирана во земјата во 1987., а првиот случај на СИДА во 1989-та. Првиот случај на смрт од СИДА бил регистриран во 1990 г.

Податоците од Институтот за јавно здравје покажуваат дека, до 31 декември 2009., во земјата биле регистрирани вкупно 120 пријавени случаи на ХИВ/СИДА. Околу 95 од нив биле дијагностицирани како СИДА, од кои големо мнозинство биле мажи кои живеат во урбани средини. Во 2009. биле регистрирани вкупно осум нови случаи на ХИВ и СИДА, од кои два имале СИДА, а едно лице починало од СИДА. Двата новорегистрирани случаи на ХИВ со СИДА се мажи од Скопје на возраст од 49 и 59 години. Други шест новоидентификувани ХИВ-позитивни случаи се на возраст меѓу 23 и 38 години, од кои пет се од Скопје, а едно лице е од Косово. Хетеросексуалниот пренос бил најчестиот начин на пренос во текот на периодот меѓу 1987 и 2009 година (во кој имало 81 случаи), по што следи хомосексуалниот пренос во 21 случај и пренос преку инјектирање во 10 случаи. Во моментот, во земјата е се уште жив само еден регистриран ХИВ-позитивен корисник на дрога. Случаи на ХИВ и СИДА биле пријавени кај старосни групи од 30 до 39 години (47 случаи), од 20 до 29 години (30 случаи), од 40 до 49 години (18 случаи) и од 50 – 59 години (15 случаи) (Институт за јавно здравје, 2010).

Во текот на 2009., во земјата биле спроведени околу 11.842 дијагностички тестови.

Податоците од Институтот за јавно здравје укажуваат на следното:

  • Во 2006., имало 197 нови случаи на хепатитис Б, 145 нови случаи на хепатитис Ц и еден нов случај на ХИВ/СИДА;
  • Во 2007., случаите на хепатитис Б се зголемиле на 215, а се јавиле 111 нови случаи на хепатитис Ц и еден случај на ХИВ/СИДА;
  • Во 2008., бројот на случаи на хепатитис Б опаднал на 159, на оние на хепатитис Ц на 59, а не бил пријавен ниту еден случај на ХИВ/СИДА;
  • Во 2009., бројот на случаи на хепатитис Ц се покачил на 83.

Од сите 895 регистрирани случаи на хепатитис во 2009: 39,9% имаат неодреден вирус на хепатитис; 32,4% имаат хепатитис А; 18,4% имаат хепатитис Б, а 9.3% имаат хепатитис Ц (Институт за јавно здравје, 2010).

Податоците од Клиниката за инфективни болести, добиени од националната фокална точка, го покажуваат следното:

  • Во 2009., имало двајца корисници на дрога со хепатитис Б; 19 корисници на дрога со хепатитис Ц и еден корисник на дрога со хепатитис од двата вида – и Б и Ц;
  • Во 2010., имало еден корисник на дрога со хепатитис Б; 15 корисници на дрога со хепатитис Ц и еден корисник на дрога и со хепатитис Б и со хепатитис Ц.

Покриеноста со задолжително вакцинирање против хепатитис Б во поранешната Југословенска Република Македонија во 2009 година била 94,5% (Институт за јавно здравје, 2010).

top of page

Смртни случаи поврзани со дроги

Во поранешната Југословенска Република Македонија, смртните случаи поврзани со дрога ги регистрираат два национални системи за документирање: полицискиот регистер на Министерството за внатрешни работи и Општиот регистер на смртност на Државниот завод за статистика и Институтите за судска медицина.

Во 2009., вкупниот број на смртни случаи во поранешната Југословенска Република Македонија бил 19.060, од кои околу 613 биле смртни случаи предизвикани со насилство (Државен завод за статистика, 2010a). Процентот на насилно предизвикани смртни случаи во годината пораснал за 2,5% во споредба со 2008. Несреќите биле на прво место со 68,0%, следени од самоубиства (27,2%) и убиства (4,7%) од сите случаи на насилно предизвикана смрт во 2009 г. Во подкатегоријата ’самоубиства’, најчести (12,6%) биле смртните случаи предизвикани со ’бесење, давење и гушење’, додека во категоријата ’убиства’, доминантната причина за смрт била „напад со друг и недефиниран огнен истрел“, со 1,6% од вкупниот број на случаи на насилно предизвикана смрт. Во категоријата „несреќи“, најголема била групата „сообраќајни несреќи“ (25,1%), по што следат групата „други надворешни причини за повреда при несреќи“ (21,7%) и групата „падови“ (10,6%).

Во 2009. биле евидентирани 18 случаи на смрт на мажи и 2 случаи на смрт на жени како последица на случајно труење со отровни супстанци и изложеност на истите. Четири од машките и едно женско лице биле на возраст меѓу 15 и 24 години, седум машки и едно женско лице биле на возраст меѓу 25 и 34 години, едно машко и едно женско лице биле на возраст меѓу 55 и 64 години и две машки и две женски лица биле постари од 65 години во моментот на смрт. Истата година, 15 машки и 12 женски лица починале како резултат на труење со цврсти и течни супстанци. Едно машко лице било на возраст меѓу 15 и 24 години во моментот на смрт, а друго на возраст меѓу 25 и 34 години, две машки и едно женско лице биле на возраст меѓу 35 и 44 години, пет машки и четири женски лица биле на возраст меѓу 45 и 54 години, две машки и едно женско лице биле на возраст меѓу 55 и 64 години и четири машки и шест женски лица биле постари од 65 години во моментот на смрт. (Државен завод за статистика, 2010b).

Од 2002 до 2007 година, се чини дека вкупниот број на смртни случаи поврзани со дрога континуирано расте кај мажите, а таквиот број кај женската популација опаѓа. Додека во 2002 година биле пријавени шест смртни случаи поврзани со дрога (четири мажи, две жени), тој број пораснал на 19 (сите мажи) во 2007 г.

Најчестиот причинител на смрт во 2007-та било предозирањето со опијати, попрецизно со хероин. Најголемиот број на смртни случаи поврзани со дрога се на возраст меѓу 25 и 29 години (63,2%), по што следат оние на возраст меѓу 20 и 24 години (21%). Мнозинството смртни случаи поврзани со дрога (78,9%) се поврзани со прекумерна доза на опијати. Во четири случаи биле вклучени опијати и психоактивни дроги, во два опијати и амфетамини, а во два опијати и бензодијазепини. Во два случаи (10,5%) се работело за метадон, повторно во комбинација со други дроги, а во еден случај биле откриени опијати и друг амфетамин.

Националната фокална точка ги прибира податоците за смртни случаи поврзани со дроги од три субјекти: Институтот за судска медицина, криминологија и медицинска деонтологија при медицинскиот факултет во Скопје; Институтот за судска медицина во Битола и Институтот за судска медицина во Тетово. Во 2009., вкупниот број на смртни случаи поврзани со дрога пријавени од страна на тие институции бил 16 (15 мажи и една жена), при што главната причина за смртта била интоксикација со опиоиди – труење со хероин. Вкупниот број на смртни случаи поврзани со дрога пријавени во октомври 2010 година од страна на гореспоменатите институции бил 14 (13 мажи и една жена), при што главната причина за смртта била интоксикација со хероин. Прашање кое бара внимание е фактот дека 34% од смртните случаи се должат на труење со метадон.

Според официјалните податоци на Mинистерството за внатрешни работи, во 2010 година имало 17 смртни случаи поврзани со дрога (Министерство за внатрешни работи, 2011).

Националната фокална точка континуирано соработува со Европскиот мониторинг центар за дроги и зависности од дроги, со цел да се подобри квалитетот на прибраните податоци и да се евалуираат и следат смртните случаи поврзани со дроги во земјата.

top of page

Одговор преку третман

На национално ниво, лекувањето поврзано со дроги редовно го обезбедуваат различните системи на здравствени, социјални и организации на граѓанското општество (НО-и). Лекувањето поврзано со дроги е расположливо во рамките на националната мрежа на јавни здравствени услуги, со што јавниот сектор е водечкиот актер во медицински потпомогнатиот третман на болести поврзани со дроги, кон кој неодамна се приклучија и три приватни психијатриски ординации. Лекувањето за корисниците на дроги е расположливо во целата земја, во девет града. Единаесетте основани центри се лоцирани во Тетово, Охрид, Битола, Гевгелија, Струмица, Кавадарци, Куманово, Штип и Скопје. Во Скопје постојат и три центри за лекување зависности: Клиничкиот центар, Кисела Вода и еден во затворот Идризово. Третманот што се нуди во болниците вклучува детоксификација, психо-социјален третман, медицински потпомогнат третман и здравствена рехабилитација.

Системот на лекување вклучува амбулантски третман, болничко лекување, детоксификација и третман со супституција. Најголемиот дел од корисниците на дроги кои се лекуваат добиваат амбулантски третман, каде се нуди третман со супституција, психо-социјални интервенции, индивидуално или групно советување и социјална и психо-терапија. Болничкото лекување од дроги се состои од фармаколошки потпомогнати психо-социјални интервенции, во смисла на лекување на симптомите на откажување. Третманот заради детоксификација може да се одвива амбулантски или болнички.

Постојат вкупно три центри за социјална нега, 11 центри за лекување на корисници на дроги, една терапевтска заедница, една болница со капацитет за болничко лекување и две со капацитет за детоксификација.

Метадонот е воведен како супстанца-супститут во 1992. и останува главната супстанца која се препишува при третманот со супституција. Бупренорфинот, кој беше воведен во 2010., исто така се користи за детоксификација и третман со супституција во поранешната Југословенска Република Македонија.

Приближно 1 232 корисници на дрога се вклучени во програма за метадонска терапија на одржување и ја добиваат супстанцата дневно или неделно.

Со цел ефективно да се одговори на потребите на целната група, се планира натамошно проширување на мрежата на услуги, а ќе се воведат нови модели за третман на зависниците од дрога, во согласност со начелата на медицина која почива на докази.

top of page

Одговори за намалување на штетата

Активностите за намалување на штетата имаат за цел намалување на смртноста кај корисниците на дрога. Мерките на низок праг кои се спроведуваат во земјата значително придонесуваат кон постигнувањето на целта и се признаени како важни елементи на одговорот на проблемите поврзани со дрогите.

Активностите за намалување на штетата се спроведуваат во мрежа на програми за игли и шприцеви преку работа на терен и во центрите за помош на корисници на дрога. Во овие центри се нуди прва помош и услуги на социјална нега во итни случаи.

Постојат петнаесет програми (единици) за размена на игли, со кои раководат локални НО-и. Во 2008., програмите за размена на игли биле во контакт со 1 615 редовни клиенти, сите корисници на дрога преку инјектирање. Од нив, 80% биле самци и најголемиот број биле невработени и живееле со своите родители; 95% инјектирале хероин. Околу 50% од оние кои биле вклучени во програмите за намалување на штетата преку размена на игли покажале позитивни резултати при тестирањето на ХИВ/хепатитис Б и Ц.

Резултатите од тековната евалуација на програмите за намалување на штета ќе бидат презентирани во Националниот извештај.

top of page

Пазари на дроги и прекршоци поврзани со дроги

Поранешната Југословенска Република Македонија е на маршрутата на незаконската трговија со дроги (Балканската маршрута за трговија со дроги). Југоисточна Азија, главно Авганистан, и натаму е главниот извор на хероин. Во последните години, забележан е значаен пораст на трговијата со канабис преку земјата. Главниот пат на канабисот и неговите деривати е од Албанија, преку северозападните до југоисточните делови од земјата, во насока на Грција и Бугарија. Хероинот најчесто доаѓа од Турција, Бугарија или Грција и оди кон Албанија или Србија, кокаинот се пренесува преку воздух преку скопскиот аеродром или по мора до пристаништата во Албанија и Бугарија, додека синтетичките дроги најчесто доаѓаат од правец на Бугарија и Србија.

Еден нов тренд, кој се појави во 2009 и се задржа во 2010 г., се однесува на заплена на поголеми количества на марихуана со потекло од земјата (т.е. која се одгледува во поранешната Југословенска Република Македонија). Во претходните години, криминалните групи од Албанија беа главниот извор на снабдување со марихуана. Во 2009., незаконски полиња со канабис или исушена марихуана беа откриени и во јужните, југозападните, централните и централно-источните делови од земјата. Заедничките инспекции на Mинистерството за внатрешни работи и Министерството за земјоделие успеаја да откријат и да уништат незаконски полиња со канабис (Табела 1).

Податоците од Министерството за правда укажуваат на тоа дека бројот на лицата кои сториле дела поврзани со дрога пораснал во периодот од 2005 до 2009, во однос на следните кривични дела: ’Неовластено производство и пуштање во промет на наркотици, психотропни супстанци и прекурзори’ (член 215 од Кривичниот закон) и ’Овозможување на употреба на наркотици, психотропни супстанци и прекурзори’ (член 216 од Кривичниот законик).

Табела 1. Заплена на дроги во поранешната Југословенска Репулика Македонија, 2009–10

  Хероин
(грамови)
Марихуана
(грамови)
Канабис
(Cannabis sativa)
Кокаинска паста
(грамови)
Мет-амфетамин
(таблети)
Амфетамин Екстази
(единици)
Ефедрин
(единици)
Сиолосибин
(грамови)
2009 213 763 701 461 677 корени 65 2 263 - 12 636 2 400 3
2010 38 012 452 124

4 046 корени
945 cs
85 044 g

2 069 1 296 11 203 таблети
562 g
5 - -

Извор: Mинистерство за внатрешни работи и Царинската управа на поранешната Југословенска Република Македонија.

top of page

Национални закони за дроги

Главните законски инструменти за прашања поврзани со дроги се:

  • Законот за наркотички дроги;
  • Националната стратегија за дроги;
  • Акцискиот план за спроведување на Националната стратегија за дроги;
  • Законот за прекурзори;
  • Правилникот врз основа на Законот за прекурзори;
  • Законот за царинско работење;
  • Законот за кривична постапка;
  • Кодексот на однесување;
  • Законот за следење комуникации;
  • Законот за замрзнување и одземање имот во кривични случаи;
  • Законот за спречување перење пари од кривични дела;
  • Законот за здравствена евиденција.

Законот за наркотички дроги опфаќа:

  • спречување и сузбивање на злоупотребата на наркотички дроги и психотропни супстанци;
  • спречување на незаконското производство и трговија со наркотички дроги, психотропни супстанци и растенија кои може да се користат во производството на наркотички дроги, како и супстанци кои може да се користат во производството на наркотички дроги и психотропни супстанци;
  • заштита на човековиот живот и здравје и контрола на наркотички дроги и психотровски супстанци.

Со членовите 215 и 216 од Кривичниот законик се регулира неовластеното производство и пуштање во промет на наркотици, психотропни супстанци и прекурзори, како и овозможувањето користење наркотици, психотропни супстанци и прекурзори. Поседувањето наркотички дроги за лична употреба не е дозволено според Кривичниот законик. Освен тоа, лице кое наведува друго лице на уживање наркотици, психотропни супстанци и прекурзори или кое на друго лице му дава наркотици, психотропни супстанци и прекурзори за уживање од страна на тоа или друго лице, или кое става на располагање простории за уживање наркотици, психотропни супстанци и прекурзори или на поинаков начин му овозможува на друго лице уживање наркотици, психотропни супстанци и прекурзори, се казнува со затвор во времетраење од три месеци до пет години. Доколку делото е сторено во однос на малолетник или во однос на повеќе лица или доколку истото предизвика особено тешки последици, сторителот се казнува со затвор во траење од една до 10 години.

Затворот за контрола на прекурзори го воведува системот на надзор и контрола на законското тргување и контрола на прекурзорите, со цел да се спречи шверцот и префрлањето на прометот со прекурзори од законски во незаконски канали. Општите цели на законот се заштита на човековото здравје и животната средина од штетните ефекти од некои прекурзори. Со оглед на тоа што прекурзорите се состојат во еден дел од хемикалии, а во еден дел од активни медицински состојки, целата рамка на контрола на прекурзорите се менува со усвојувањето на два нови закони – за контрола на хемикалиите и за медицински препарати и медицински уреди, сите усогласени со законските инструменти на ЕУ во 2007-та. Освен контролата на прекурзорите наведени во Конвенцијата на ОН од 1988., законот за хемикалии е важен за контрола на супстанците вклучени во ограничените списоци за Меѓународен специјален надзор.

top of page

Национална стратегија за дроги

Националната стратегија за дроги е усвоена во декември 2006. Националната стратегија за дроги е во согласност со стратегијата за дроги 2005-12 на Европската унија. Начелата, целите и приоритетите воспоставени со Националната стратегија за дроги 2006-12 се подетално елаборирани во Акцискиот план за предспроведување 2007-08 и во Националниот акциски план за дроги 2009-12.

Акцискиот план има за цел ефикасен, координиран и мултидисциплинарен пристап кон борбата против злоупотреба на дроги, преземање мерки за зголемување на свесноста и знаењето на општата јавност за контролираните психоактивни супстанци  кои предизвикуваат зависност; спречување на употребата на психоактивни супстанци, особено кај младите; мерки за поттикнување здрави начини на живот; промоција на мерки за заштита на семејството; намалување на здравствените и социјалните последици поврзани со дроги; вклучување на сите сектори на општеството во активностите поврзани со борбата против злоупотреба на дроги.

Националната стратегија за дроги (2006-12) поставува две општи цели:

  1. Остварување високо ниво на здравствена заштита, добросостојба и социјална кохезија преку активности за спречување и намалување на користењето дроги, зависност и штети за здравјето и општеството поврзани со дроги.
  2. Обезбедување високо ниво на јавна безбедност со преземање активности против производство на дроги, прекугранична трговија со дроги и незаконска трговија со прекурзори, како и со интензивирање на превентивните активности против криминалот поврзан со дроги.

Двете главни димензии на националната политика за дроги (двата ’столба’) - намалување на побарувачката на дроги и намалување на понудата на дроги  - се надополнети со три области кои се присутни во сите сектори на борбата – координација, меѓународна соработка и мониторинг, информирање, истражување и евалуација.

top of page

Механизам за координација во областа на дрогите

Владата ја формираше Меѓуминистерската комисија за наркотички дроги (IMCND) со цел да се бори против незаконското производство, трговија и употреба на дроги. Бирото за лекови при Министерството за здравство ги врши стручните и административните работи поврзани со задачите на комисијата.

IMCND се состои од претставници на Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за надворешни работи, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство, Министерството за финансии, Царината и Агенцијата за млади и спорт.

IMCND поставува конкретни цели во три главни области: (1) владеење на правото; (2) анализа на политиката и трендовите; (3) спречување, лекување и реинтеграција. Таа промовира ефективни реакции на криминалот со дроги, преку олеснување на спроведувањето на релевантни меѓународни законски инструменти; промовира ефективен и објективен систем на кривично право преку употреба и примена на стандардите и нормите на Обединетите нации и на ЕУ за спречување на криминалот и за кривично право. Таа го зајакна познавањето на трендовите за ефективно спроведување на политиката, оперативен одговор и оцена на влијанието во врска со дроги и криминал, анализа на ризикот и научен и форензички капацитет. Ваквата експертиза придонесува кон моќна анализа на политиката која почива на знаење, кохерентност на програмите, контрола на квалитетот и системи за управување со знаењето.

Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за финансии и Царината потпишаа меморандум за тесна заемна соработка во борбата против дроги и за создавање на систем за рано предупредување за појава на нови дроги на пазарот (преку соработка меѓу лабораториите).

Националниот центар за следење дроги и зависност од дроги на поранешната Југословенск Република Македонија (националната фокална точка) беше официјално формиран во мај 2007-та, со владин декрет. На чело на националната фокална точка е раководителот на секторот за контролирани супстанци во Секторот за фармација при Министерството за здравство. Националната фокална точка е сместена во просториите на Министерството за здравство. Најголемиот дел од министерствата и институциите вклучени во прашања поврзани со дроги и доставуваат податоци на националната фокална точка.

Дирекцијата за спречување перење пари, како административен дел од Министерството за финансии, е одговорна за финансиско разузнавање, прибирање, евалуација, чување и анализа на податоци во врска со активностите поврзани со спречување на перење пари и финансирање тероризам.

Агенцијата за замрзнување и одземање имот, во соработка со надлежните судови, е одговорна за: управување со одземените имоти заради заштита на нивната вредност; чување на одземените имоти; изготвување статистички извештаи; продажба или уништување на одземени имоти (на пример, горење одземени наркотички дроги).

top of page

Референци

Currie, C., Nic Gabhainn, S., Godeau, E., et al. (eds) (2008), ‘Risk behaviour: tobacco use, alcohol use, cannabis use, sexual behaviour, fighting, bullying’, Inequalities in young people’s health: HBSC international report from the 2005/2006 survey, WHO Regional Office for Europe, Copenhagen.
Курие, К., Ник Габхајн, С., Годо, Е. и др. (изданија) (2008), ’Ризично однесување: конзумирање тутун, алкохол, канабис, сексуално однесување, тепање, насилничко однесување’, Нееднаквости во здравјето на младите: Меѓународен извештај на HBSC од истражувањето во 2005/2006, Регионална канцеларија на СЗО за Европа, Копенхаген

CAN (2004),  ‘ESPAD report 2003’, 2004:25. ISBN 91-7278-103-3
CAN (2004),  ‘Извештај на ЕСПАД 2003’, 2004:25. ISBN 91-7278-103-3

Central Intelligence Agency (2011), The CIA World Factbook 2011.
Централна разузнавачка агенција (2011), Книга со факти за светот на ЦИА 2011.

City of Skopje (2008), ‘Local strategy on drugs and Action plan for drugs for the City of Skopje 2008–2013’, Skopje, 11-2.
Град Скопје (2008), ’Локална стратегија за дроги и Акциски план за дроги за Град Скопје 2008 – 2013’, Скопје, 11-2

ESPAD Report 2008: Republic of Macedonia (2009), Medical faculty, Institute for Social Medicine, 84 pp.
Извештај на ЕСПАД 2008: Република Македонија (2009), Медицински факултет, Институт за социјална медицина, стр. 84

HOPS (2008), ‘Rapid assessment and response on the needs for implementation of drug prevention activities among secondary school students in the City of Skopje’, Skopje, 2008, pp. 24–33.
ХОПС (2008), ’Брз развој и одговор на потребите за спроведување активности за спречување на употреба на дроги кај средношколските ученици во Град Скопје’, Скопје, 2008, стр. 24-33

Institute for Public Health (2010), Health and Health Protection of the population in the Republic of Macedonia in 2010, Institute for Public Health.
Институт за јавно здравје (2010), Здравјето и заштитата на здравјето на населението во Република Македонија во 2010., Институт за јавно здравје

Ministry of Interior (2011), Report ‘Analytical indicators of the conditions with illicit drug trafficking in 2010’, Ministry of Interior
Министерство за внатрешни работи (2011), Извештај ’Аналитички индикатори за состојбите со незаконска трговија со дроги во 2010’, Министерство за внатрешни работи

Republic Institute for Health Protection (2008), ‘Global School-Based Student Health Survey Results’, Skopje, 2008.
Републички институт за здравствена заштита (2008), ’Резултати од глобалното истражување на здравјето на учениците спроведено во училиштата’, Скопје, 2008.

State Statistical Office (2008a), Macedonia in figures 2008, Skopje, 2008. ISSN 1409-665X.
Државен завод за статистика (2008а), Македонија во бројки 2008, Скопје, 2008 ISSN 1409-665X.

State Statistical Office (2008b), ‘Statistical review: Population and Social statistics: Primary, lower secondary and upper secondary schools at the beginning of the school year 2007/2008’, Skopje, June 2008, pp. 30–42.
Државен завод за статистика (2008б), ’Статистички преглед: Население и социјална статистика: Основни, нижи средни и високи средни училишта на почетокот на учебната 2007/2008 година’, Скопје, јуни 2008, стр. 30-42

State Statistical Office (2010a), Statistical Yearbook of the Republic of Macedonia, 2010 
Државен завод за статистика (2010а), Статистички годишник на Република Македонија, 2010

State Statistical Office (2010b), News Release Year XLVIII Broj/No: 2.1.10.20, ‘Violent deaths in 2009 Republic of Macedonia in 2010’, Institute for Public Health.
Државен завод за статистика (2010б), Објава за печат Година XLVIII Број: 2.1.10.20, ’Насилно предизвикани смртни случаи во 2009, Република Македонија во 2010’, Институт за јавно здравје

UNICEF (2008), Children in FYR Macedonia, a situation analysis February 2008, 89 pp
УНИЦЕФ (2008), Децата во БЈР Македонија, анализа на ситуацијата фебруари 2008, стр. 89

UNICEF, Institute of Ethnology and Anthropology, University ‘Kiril i Metorij’ Skopje (2007), Mapping and community-based research study on most at risk adolescents to HIV/AIDS/STI, 2007:52.
УНИЦЕФ, Институт за етнологија и антропологија, Универзитет ’Кирил и Методиј’, Скопје (2007), Мапирање и истражување во заедницата на адолесцентите најмногу изложени на ризик од ХИВ/СИДА/СПБ, 2007:52

top of page

Работна група на Извештајот за преглед на земјата

Татјана ПЕТРУШЕВСКА, M-r sci Pharm Spec, Раководител на секторот за контролирани супстанци, Биро за лекови, Министерство за здравство

Проф. Др. Даниела ЧАПАРОВСКА, Клиника за токсикологија, Универзитетски клинички центар ’Св. Кирил и Методиј’

Прим. Др. Весна СТАМБОЛИЈЕВА, Институт за јавно здравје

Златко ЈАКОСКИ, Ass. D-r sci, MD, Институт за судска медицина, криминологија и медицинска деонтологија

 

 

Page last updated: Thursday, 22 December 2011